Москва, 21 февруари 2022 (МИА) – Одлуката за признавање на независноста на Народните републики Доњецк и Луганск (ДПР и ЛПР) ќе биде донесена в понеделник, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин, пренесе ДПА.
Путин ова го изјави по состанокот на Советот за национална безбедност, што во живо беше пренесуван на државната телевизија.
Сите учесници на состанокот, вклучувајќи ги и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и министерот за одбрана Сергеј Шојгу, се изјаснија за признавање на регионите.
Рускиот премиер Михаил Мишустин изјави дека владата веќе неколку месеци се подготвува за последиците од конечното признавање на ДПР и ЛПР.
„Мислам, пред сè, на отежнување на увозот и на анализата на сите ризици со кои може да се соочиме доколку се донесе таквата одлука“, рече Мишустин за време на состанокот на Советот за безбедност.
Премиерот го поддржа предлогот да се признае независноста на ДПР и ЛПР, доколку нема напредок во преговорите.
Лидерите на двете самопрогласени републики денеска испратија писмо до рускиот претседател Владимир Путин во кое бараат Русија да ја признае нивната независност.