Путин не објави „Трета светска војна“, но го обвини Западот дека ја приморал Русија да реагира во Украина (ВИДЕО)

Рускиот претседател Владимир Путин го одржа својот традиционален говор за Денот на победата на Црвениот плоштад во Москва, порачувајќи им на руските борци дека сега се борат за безбедноста на Русија.

Тој исто така им го честиташе денот на „големата победа“ на ветераните. Денот на победата ја слави победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна.

Путин во својот говор нагласи дека руската „специјална воена операција“ во Украина, како што Кремљ ја нарекува инвазијата, била неопходна и „навремена“ мерка. Тој додаде дека тоа е „правилна одлука“ на независна, силна, суверена земја.

Рускиот претседател наведе дека во текот на изминатата година имало тензии со другите европски нации и со НАТО.

„Русија ја повика Европа да најде фер компромис, но тие не сакаа да нѐ слушнат“, рече Путин и додаде дека се подготвува „казнена операција во Донбас, источна Украина, каде што сега се фокусирани руските операции“.

„Во Киев велеа дека може да добијат нуклеарно оружје и НАТО почна да ги истражува териториите блиску до нас и тоа стана очигледна закана за нашата земја и за нашите граници. Сè ни кажуваше дека има потреба да се бориме“, рече Путин.

Путин повика на едноминутен молк за Русите убиени во Втората светска војна, но и за „војниците кои се борат за Русија во Донбас“.

По говорот, рускиот претседател доби аплауз од припадниците на руската војска на Црвениот плоштад, се интонираше руската химна, по што следуваше и топовска стрелба.

Иако многумина очекуваа (со оглед на секаквите шпекулации во претходниот период, дури и за Трета светска војна), Путин не најави ништо големо во неговиот говор по повод Денот на победата над фашизмот. Сепак, коментира BBC, во своето обраќање лидерот на Кремљ повторно се обиде да ја оправда руската инвазија врз Украина, велејќи дека НАТО и Украина создаваат закани „неприфатливи за Русија“ на нејзините граници.

Прочитајте и:  Гринфилд: Се додека Украинците се борат против инвазијата и идеологијата на „посилниот секогаш е во право“, САД ќе ги поддржуваат

CNN, слично, истакна дека Путин во говорот дал малку детали за тоа како Русија планира да продолжи во Украина, со оглед на неколкудневните шпекулации дека рускиот претседател ќе го искористи настанот за да објави големо соопштение.

Според одредени аналитичари од сферата на одбраната, во Русија се одржала своевидна „придушена“ парада. Илјадници војници се собраа пред Кремљ на Црвениот плоштад, но очекуваниот воздушен дел од годишниот настан беше откажан поради временските услови, според официјален Кремљ.

Исто така, се одржаа и скромни прослави во окупираните делови на Украина. Имаше мали проруски прослави во деловите на Украина окупирани од Русија, вклучувајќи го и Херсон, според руските државни медиуми.

Проруски профили на социјалните мрежи циркулираа видеа снимени во јужниот украински регион Херсон, на кои се гледаат мали групи луѓе кои веат црвени знамиња и носат цвеќиња додека го одбележуваат Денот на победата на Русија. Украинските активисти во Херсон тврдат дека Русија донела луѓе од Крим за да го зголеми бројот на присутни. Според украинските власти, во југоисточниот град Мариупол, цвеќе било положено на споменикот, кој неодамна беше обновен од страна на сепаратистите поддржани од Русија.

Извор: МИА

- Реклама -