Рускиот претседател Владимир Путин денеска му оддаде почит на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, кој почина на 87-годишна возраст, опишувајќи го како „драга личност“ и „вистински пријател“.
„За мене Силвио беше драга личност, вистински пријател“, рече Путин во телеграмата со сочувство до италијанскиот претседател Серџо Матарела, објави Кремљ.
Путин изјави дека отсекогаш се восхитувал на „мудроста“ на Берлускони и ја пофалил неговата „неверојатна животна енергија, оптимизам и смисла за хумор“.
Тој додаде дека Берлускони е „вистински патриот“ кој „даде непроценлив личен придонес“ за развојот на руско-италијанското партнерство.
„Русија секогаш ќе го памети Силвио Берлускони како принципиелен поддржувач на зајакнувањето на пријателските односи меѓу нашите земји“, рече Путин.
Берлускони, кој беше жесток обожавател на Путин кога беше на власт, рече дека има „лично и искрено пријателство“ со рускиот претседател и го опиша како „едноставен и скромен човек кој направил многу за својата земја“.
Поранешниот премиер на Италија ја поддржа позицијата на Русија во нејзиниот конфликт со Украина и ги осуди санкциите воведени од ЕУ кон Москва по анексијата на Крим во 2014 година, како „враќање во Студената војна“.
Во септември 2015 година, Берлускони дури отиде со Путин на овој полуостров, каде што пиеше вино и им оддаде почит на италијанските војници кои загинаа за време на Кримската војна во 19 век.
Меѓутоа, по рускиот напад врз Украина во 2022 година, Берлускони јавно го критикуваше Путин, велејќи дека е „длабоко разочаран“ од неговото однесување.
МИА