Путин: „Мариупол е ослободен, нема веќе борби“

Москва, 26 април 2022 (МИА) – Мариупол е „ослободен“ и таму нема повеќе борби, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин во разговор со турскиот колега Реџеп Тајип Ердоган и ги повика украинските борци Азов и маринците да се предадат, со порака дека животот им е загарантиран.

Огромната фабрика за челик „Азовстал“ е последната локација контролирана од украинските сили во Мариупол. Киев треба да „преземе одговорност“ за војниците во фабриката за челик Азовстал во Мариупол, му рекол Путин на Ердоган, се вели во соопштението на Кремљ.

Путин ги повика украинските војници во „Азовстал“ да го положат оружјето.

„На воените заробеници им се гарантира живот, медицинска нега и третман во согласност со меѓународните правни стандарди“, се вели во соопштението на Кремљ.

Украина вчера соопшти дека Обединетите нации треба да бидат „иницијатор и гарант“ за секој договор за евакуација што ќе мора да се спроведе во присуство на Црвениот крст.

Прочитајте и:  Зеленски: Под администрацијата на Трамп, војната во Украина ќе заврши побрзо

Зградите на комплексот се во голема мера уништени, но украинските борци се кријат во големата мрежа на подземни тунели од каде продолжуваат да им пружаат отпор на Русите. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека околу илјада цивили и стотици ранети се кријат таму, во катастрофални услови, без вода и храна.

Украина соопшти дека ќе ги прекине преговорите со Русија доколку бидат убиени и последните борци на „Азовстал“. Ердоган разговараше и со Зеленски за евакуацијата во неделата.

„Претседателот Ердоган ја изрази својата подготвеност да обезбеди секаква помош што може во преговарачкиот процес и сета потребна поддршка, вклучително и посредување“, соопшти официјална Анкара.

- Реклама -