Рускиот претседател Владимир Путин денеска отпатува во Кина на дводневна посета, каде што ќе оствари средби со кинескиот лидер Си Џинпинг. Главна тема на разговорите ќе биде проширување на соработката и расправање за актуелните глобални прашања.
Путин во Пекинг пристигна со делегација составена од министри, бизнис-менаџери и високи државни функционери, вклучувајќи ја и гувернерката на руската централна банка, Елвира Набиулина, како и челниците на компаниите Газпром и Роснефт. Пред посетата, Путин изрази задоволство што повторно ќе ја посети Кина и истакна дека трговската размена помеѓу двете земји надминала 200 милијарди долари.
Вечерва се очекуваат разговорите помеѓу Путин и Си, а според информациите од Кремљ, за време на посетата планирано е потпишување на околу 40 договори и заеднички декларации, кои ќе се однесуваат на индустријата, трговијата, транспортот и енергетиката. Една од темите за дискусија ќе биде проектот за гасоводот „Сила на Сибир 2“, кој би требало да минува преку Монголија до Кина.
Оваа посета на Путин следува само неколку дена по посетата на американскиот претседател Доналд Трамп во Кина.




