Според податоците на Институтот за јавно здравје, главна причина за смртност во нашата држава во 2023 и 2024 година се малигните неоплазми на бронхиите и белите дробови.
„Употребата на тутун е основен фактор за рак кој може да се избегне. Статистиката укажува дека во 2024 година вкупниот број на починати од малигни неоплазми на бронхиите и белите дробови достигнува 860, со тоа што мажите се во поголем број во однос на жените. Откажувањето од пушење значително го продолжува животниот век и го подобрува квалитетот на животот. На Светскиот ден за борба против ракот, уште еднаш апелираме за итноста од усвојување на новиот предлог-закон за заштита од пушењето, со цел заштита на здравјето на сите граѓани“, истакна министерот за здравство, Азир Алиу.
Покрај тутунот, и други ризик-фактори за појава на малигни заболувања вклучуваат прекумерна дебелина, консумација на алкохол, недостаток на физичка активност и неправилна исхрана.
Според информации од Институтот за јавно здравје, вкупниот број починати од малигни неоплазми во 2024 година изнесува 3.958, при што 2.325 се мажи, а 1.633 се жени. Во истата година, бројот на починати над 65 години е речиси двојно поголем од оние кои починале пред да навршат 64 години.




