Пумпаме CO2 како луди: 2018-та е рекордер по емисија на јаглероден диоксид

Растечкиот глобален пазар на автомобили во 2018-та допринел за рекордна емисија на CО2, велат истражувачите.

Да, главниот фактор за зголемувањето на емисијата на CO2 од безмалку 3% во 2018-та е употребата на јаглен во Кина, чија влада се обидува да ја подобри ослабената економија.

Но покрај тоа, емисијата на стакленички гасови од страна на автомобилите, камионите и авионите кои користат фосилни горива, и натаму расте во сите делови на светот. Расте и употребата на обновливи извори на енергија, но не доволно брзо за да држи чекор со зголемувањето на емисијата на јаглероден диоксид.

Да бидеме попрецизни, истражувањето покажува дека годинава емисијата на CO2 забележала загрижувачки голем пораст од 2.7%, што е значително повеќе во однос на 2017 година, кога порастот изнесувал 1.6%. Овој факт посебно ги загрижува научниците, кои претходно три години во низа бележеа релативно стабилна емисија (што не значи и безбедна) на CO2.

Иако емисијата на CO2 предизвикана од употреба на јаглен е пониска од историското ниво од 2013-та година, сепак годинава и таа бележи пораст. Во Кина емисијата е зголемена за 4.7%. По неколкугодишен пад, зголемување е регистрирано и во САД, а според некои, причините за трошење на повеќе енергија биле многу стидената зима и топлото лето.

Прочитајте и:  Просечната температура во 2024 година ќе го надмине прагот од 1.5 степени

Што се однесува до автомобилите, истражувачите тврдат дека луѓето годинава возат повеќе бензински и дизелски автомобили, како и дека патуваат подалеку (повеќе) од порано.

Овие податоци се спротивното од тоа што го посакуваат научниците. Тие тврдат дека емисијата на CO2 мора да почне да опаѓа веќе од 2020 година, ако светот сака да ги исполни температурните цели од Парискиот климатски договор. Луѓето, поточно државите, не ги исполнуваат ветувањата дадени пред три години при потпишувањето на Париската спогодба за климатски промени, велат истражувачите.

Норвешка, сепак, ќе престане да продава автомобили кои немаат електричен погон до 2025 година, а Велика Британија, Франција, Холандија и Индија истото посакуваат да го направат до 2040-та. Volkswagen, пак, соопшти дека веќе нема да развива конвенционални мотори по 2026 година. Многумина не порекнуваат дека ова се добри и правилни потези, но експертите повторно во едно се сложуваат – не се доволно брзи.

- Реклама -