Пукал во армадило, куршумот му се одбил во фаца

Една топла летна ноќ во Тексас, во 3 часот наутро, човек забележал армадило во својот двор. Го земал својот .38 револвер и испукал три куршуми. Барем еден од нив се одбил од тврдиот оклоп на животното и го погодил Тексашанецот право во вилицата. Човекот бил итно пренесен во болница, каде вилицата му била зашиена. Армадилото не го најдоа, изјави тогаш локалниот шериф.

Само три месеца претходно, човек од Вирџинија исто така пукаше со пиштол во армадило. И тогаш куршумот се одбил, ама не во лицето на пукачот, туку во оградата, а од таму преку ѕидот на приколката во дворот во која живеела мајката на неговата сопруга, па во нејзиниот грб. Жената била пренесена во болница со полесни повреди, ама претпоставуваме дека била многу лута…

Армадилата имаат репутација (не кај двајцава погоре, очигледно) на неуништиви, токму заради нивниот оклоп. Научниците, пак, баш и не знаат за што им служи оклопот, оттаму и не е јасно колку многу сила може да издржи. Не се знае ни дали армадилата го развиле за да ги штити од предатори, или за заштита од константната абразија што ја трпат додека копаат во земјата во потрага по „протеински“ бубачки. За ова првово нема никакви аргументи. Предаторите ги јадат армадилата подеднакво многу како и нивните безоклопни „роднини“.

Сепак, оклопот одбива куршуми бидејќи е сличен на оклопот на желка, кој претставува ригидна „дермална коска“ која се формира од длабоките слоеви на кожата на животното. За разлика од желките, сепак, оклопот на армадилата е составен од стотици помали плочки, што им овозможува голема подвижност, лесно вкопување во земја, но и вешто пливање.

Што се однесува до тоа зошто луѓево од руралните делови на САД пукаат во армадила… Во многу делови од земјата, армадилата се толку чести што се сметаат за штетници. Никој тамошен не сака армадило да му копа по дворот, особено ако има градина. Дали има подобри начини да се фати/избрка армадило отколку да пукаш со оружје? Можеби. Ама и да нема, револвер е очигледно најлошата варијанта. Ако веќе мораш, барем нека е шатган.

 

- Реклама -