Психопатологија на еден просечен читател

bookstore

Изгубен читател

Овој вид читател нема никаква блискост со книжарите. Таму влегува само еднаш или двапати годишно, понекогаш еднаш или двапати во животот. Ќе го препознаете по преплашениот и смотан изглед на ученик кој се плаши дека во секој момент можат да биде прозван да одговара. Оди меѓу куповите книги како меѓу бодликава жица или грмушки со капини. Одвреме-навреме можете да го изненадите додека чита наслов на некоја книга со истиот загрижен израз со кој би ја гледал рентгенската снимка од својата кичма. Се насмевнува само ако на понекоја корица се појави лице на некоја телевизиска личност. Ако во тој момент, сожален, му се приближи продавачот со израз на лицето доволно охрабрувачки да не го натера во бегство, изгубениот читач ќе му упати едно од следниве прашања:

– Може ли да ми ја дадете книгата со корица со една жена, а во насловот го има зборот „љубов“?
– Може ли да ми дадете некоја книга како за некој што не чита? (прашање на кое повеќе од еден продавач реагира со епилептичен напад)
– Може ли да ми ја дадете таа книгата што ја држи во раце таа женската од рекламата за сируп против кашлање?
– Може ли да ми ја дадете „Процесот на Кафка“? Не знам точно од кого е
– Можете ли да ми ја дадете книгата што е прва на ранг листата?
– Дајте ми 13 книги за вкупно 2000 денари, за тринаесет новогодишни поклони ми се, ама ве молам побрзо, немам време.

Каква и книга да купил, заради големиот стрес и напнатост, кога ќе излегува низ електронската врата против крадци, алармот ќе засвири. Десетина продавачи ќе пробаат да го размагнетизираат, но сé ќе биде залудно и изгубениот читател долго ќе биде изложен на јавен потсмев. Неговата веќе оскудна склоност за влегување во книжари ќе излезе масакрирана од ова искуство. Стварта е во тоа што тој, читателот, го предизвикал алармот, а не книга! Лекарите, издавачите и физичарите веќе со години ги проучуваат случаите со намагнетизирани читатели. Според едните, може да се работи за алергија на амбиентот, според другите – за освета на книжевните тролови; но никој не успеа да ја разоткрие мистеријата.

Опседнат читател

Ужас за секој книжар, читателот О. е препознатлив по многу дебелите наочари, одлучниот чекор и хартиената белешка што ја држи во раката. Тој читател веќе со месеци, години, можеби од раѓање, бара книга што не може да биде најдена, и во таа потрага веќе го има потрошено животот. Но не се откажува. Книжарот, зашто го консултирал своето сеќавање и компјутерот, му соопштува дека немаат ниту еден сличен наслов.

„Жал ми е, господине, но вашата книга е невозможно да се пронајде“
„Фала“, одговара читателот О. „Ќе се вратам утре“.

Во тој момент остануваат многу хипотези:
а) О. е луд
б) О. има премногу слободно време
в) О. е провокатор пратен од конкурентската книжара
г) О. е гњаватор по професија

Неодлучен читател

Читателот Н. влегува во книжарата, избира книга, ја остава, повторно ја зема во рацете. Ја менува со четири џебни изданија. Оди кон касата, се покајува, ги враќа џебните книги на своето место, разместувајќи го целиот куп, и ги заменува со пеколно скапа книга за уметноста. Долго ја разгледува, со попарен изглед. Ја враќа на место и зема два туристички водича за Камаргу. Оди на каса, застанува во редот, но кога стигнува до касата одненадеж се извинува, се враќа назад. И за читателот Н. има неколку хипотези:

а) Сака да купи сé, ама нема доволно пари
б) Не сака да купи ништо, ама надвор врне
в) Заљубен е во касиерката
г) заљубен е во касиерот
д) Луд е
Ѓ) Тоа е всушност маскираниот читател О. и ја бара книгата за грегоријански песни, бидејќи не е убеден дека тие од персоналот доволно ја барале
е) По професија е гњаватор

Читател ентузијаст

Овој читател, наречен читател Е., влегува во книжарата како во своја куќа. Насмевката со која ги поздравува продавачите е негов заштитен знак. Стоејќи, не водејќи сметка за другите клиенти, почнува да чита сé што ќе најде. Некои од книгите ги истакнува со бучна смеа или ги коментира додека им чита одломки на присутните. На одделението за стрипови клекнува на подот и чита со часови. Понекогаш си носи ужина. Купчето трошки во некоја од книгите е знак дека поминал читателот Е. Гледа еден нормален читател кој е несигурен за тоа што да купи, го напаѓа од грб и почнува да му чита сé, од внатрешната страна на кориците со рецензија, преку биографијата и одбраните одломки. Неговото убедување на другиот да купи или да не купи некоја книга има силна упорност каква што ниту еден книжар не поседува. На одделениот за книги за уметноста поминува часови и часови, и неретко, во време на затворање на книжарата, ќе го најдете сокриен на одделението за џебни книги, додека со преколнувачки поглед говори: „Ве молам, при крај сум“. Сé на сé, тој е страстен и весел читател, со само една маана: речиси и да не купува книги, не се знае дали од сиромаштија, генетичка мутација или идеолошки избор.

Стефано Бени

- Реклама -