Националните архиви во Велика Британија го открија за јавноста таканаречениот „Exercise Regenerate“ план од 1982-та година. Според документот, планот имал за цел да го сочува редот и организацијата на општеството дури и при најтешките моменти кои би можеле да го погодат, како на пример, нуклеарна катастрофа. Приоритет било што поскоро да се евакуираат кралицата, принцот Филип и секретарот, кои со Кралската јахта би биле одвезени на сигурно. Биле спроведени и конкретни воени вежби за едно такво сценарио.
Ваквите тајни владини планови, па дури и безбедносните воени вежби за евакуација во вакви случаи, не се ретки. Сепак, она што е најинтересно во врска со „Exercise Regenerate“, е можеби Џејн Хог, дел од научничкиот тим кој ја изготвувал оваа операција. Таа сметала дека логиката, интелигенцијата и способноста да се носи со ситуацијата се најголемите квалитети што една личност би можела да ги има во такви катастрофални сценарија. Но (и тоа големо „НО“), Хог тврдела дека овој опис најмногу одговара на личноста на психопатите, за кои сметала дека би биле најдобри лидери во вонредни околности, како што е нуклеарниот напад.
Во документот, Хог пишува:
„Во научните кругови е општоприфатено дека околу 1% од населението се психопати. Тие не покажуваат никакви психолошки тегоби во општествата што доживеале големи губитоци. Добро се носат со криза, не сочуствуваат со другите, немаат морален компас и обично се многу интелигентни… Пред нападот, единствено решение за овие луѓе е да се отстранат од општеството; По нападот, во моментите кога се потребни акција, брзи одлуки и решенија, формалните власти би можеле да ги регрутираат, зашто би биле многу ефикасни соработници“.
За среќа, најголемиот дел од луѓето не мислат така (се надеваме), исто како што и нејзините колеги научници не сметале дека тоа е добра идеја, што добро се гледа од документот. A и од историјата.