Родители како родители, особено во време кога смартфоните се на пат да ни сраснат со рацете, едноставно тешко одолеваат на искушението да ги фотографираат своите деца дури и без никаков повод, и во најбаналните моменти. Сето тоа е сосема разбирливо и навидум ништо лошо во истото, но експертите предупредуваат дека ако не се внимава на одредени „параметри“, тоа може да има негативно влијание врз детскиот развој, некогаш и со (по)сериозни последици.
Имено, од една страна, со постојаното фотографирање на своите деца, родителите ризикуваат да одгледаат вистински нарциси. Децата може да почнат да се чувствуваат како премногу важни и како да се центар на светот, а тоа во подоцнежните години да резултира со недостаток од самокритичност, преголеми очекувања од тие околу нив, а следствено и многу разочарувања.
„Кога го фотографирате само детето, а не целото семејство, можно е тоа да почне да мисли дека е центарот на светот“, вели американската професорка за семејни студии – Џудит Мајерс Волс. Решението што може да го избегне тој ефект, т.е. параметарот што треба да се запази (како што се изразивме претходно), е родителите да внимаваат фотографиите да илустрираат спомени, и да презентираат нешто што го насочува фокусот на детето кон семејството, а не кон самото себе.
Волс додава и дека родителите треба будно да следат како детето се однесува кога го фотографираат и потоа неговите слики ги ставаат на Интернет.
Тоа сосема јасно го објаснува Алин Морин – професор по психологија од универзитетот Монт Ројал. Таа алармира за другата страна на проблемот, а тоа е дека како и огледалата, камерите и фотографиите можат кај детето да го истакнат фокусот кон самото себе и да предизвикаат чувство на несигурност кон сопствениот изглед.
„Кога луѓето се премногу насочени кон самите себеи, стануваат премногу критични кон сопствениот изглед и лошо се чувствуваат“, објаснува Морин. А тоа, како што знаеме, може да има несакани последици во понатамошниот живот на детето.
via Локално