Словенечкиот спортски дневен весник „Екипа“ објави дека Париз Сен Жермен ќе го купува македонскиот фудбалски репрезентативец Агим Ибраими.
Клубот што е хит во светот на фудбалот, кој не штеди средства за да направи супер тим, по купувањето на Лавеци, Верати, Силва и Ибрахимовиќ, пројавил интерес да го купи Агим Ибраими, фудбалерот на Марибор, за 1,6 милиони евра.
Ибраими, според словенечка „Екипа“ би требало да потпише четиригодишен договор со ПСЖ и годишно да заработува 400.000 евра. Првичните преговори се веќе отпочнати, а треба да продолжат по двомечот што Марибор ќе го игра во квалификациите од Лигата на шампионите против Железничар Сараево.
Доколку се оствари оваа сензационална најава, тогаш Агим Ибраими ќе влезе во овој елитен клуб и ќе биде соиграч со големи ѕвезди на европскиот и на светскиот фудбал, а негов тренер ќе биде Карло Анчелоти. Токму Анчелоти, кој е одличен пријател со директорот на Марибор, Златко Заховиќ, ги иницирал разговорите за можниот трансфер на Агим Ибраими во Париз Сен Жермен.