Првпат во 30 години: Во испитување на плунка кај скопјани нема разлика меѓу пушачите и непушачите

„Прв пат се случува после 30-годишно работно искуство, случајно во лабораторијата каде што испитуваме интоксикација на лица, да добиеме 90 отсто од студентите дека се интоксицирани со цијаниди, односно роданиди во плунка. За мене е ова алармантно“, објаснува Бети Дејанова – професорка на Медицинскиот факултет во Скопје, на вонредната седница на општина Центар, на која таа присуствува во улога на советник од партијата ДОМ. Седницата беше свикана од една единствена причина, со една единствена точка на дневен ред – загадувањето.

Сите примероци од плунка се од студенти кои живеат во Скопје, објаснува Дејанова, додавајќи дека резултатите биле неверојатни, во негативна смисла: „Не ми се верува – како да работат во индустрија со олово“.

Експериментот се прави наназад со децении, објаснува докторката, а една од причините е за да им се покаже на студентите дека постои разлика во излачените роданиди кај пушачите и непушачите. Роданид е ензим што човечкиот организам го лачи за да ги претвори токсичните супстанци во нетоксични, кои на крај завршуваат на обработка во црниот дроб. При методот на тестирање што се користи на Медицинскиот факултет, кој за волја на вистината е застарен, интоксикацијата на организмот се мери со интензитет на боја. По додавањето на соодветните супстанци во плунката, се следи дали таа ќе добие црвеникава боја. Ако добие, тоа укажува дека во плунката се присутни роданиди, кои пак се последица од присутниот цијанид кој на разни начини навлегува во организмот.

Прочитајте и:  Донесена Наредба за воведување мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции

Но, како што рековме и погоре, овојпат, по 30 години, не можело да се утврди кој е пушач, а кој непушач, бидејќи кај речиси сите имало присуство на роданиди. Поразителните резултати ја натерале Дејанова – која е и раководителка на Институт за физиологија, да го повтори експериментот и меѓу вработените во институтот. Пред камери, лаборантите ја тестирале и нејзината плунка. Таа е непушач. Резултатите не биле многу поразлични.

Иако постојат повеќе извори на овие токсични супстанци, најлогично е дека причина за ваквите резултати, првпат во 30 години, е аерозагадувањето. Во таа насока укажува и примерот со единствената вработена во лабораторијата која имала нормални резултати – таа викендов воопшто не престојувала на отворено.

„За жал, овде гледаме дека и кај непушачи се јавува интензитет во обојувањето, во црвена боја, така што веќе не можеме да кажеме кој е пушач, а кој не е пушач“, констатира Дејанова.

Нејзиниот обид да ги искористи резултатите за да ги аламира надлежните и да предизвика натпартиска дебата на вонредната седница, не помина најдобро. Седницата заврши без заклучок или одлука во насока на подобрување на квалитетот на воздухот во општината, а претходно советниците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ два часа се препукувале кој помалку направил и кој повеќе е виновен. Погледнете го целиот прилог на 360° во видеото:

Извор (и транскрипт од видео прилогот): „360степени

- Реклама -