ПРВО ПА ЖЕНСКО 4 во МКЦ (11 – 13 март)

Следниов викенд во МКЦ ќе се одржи 4-тото издание на ПРВО ПА ЖЕНСКО.

prvo_pa_zensko_4

Прво па женско е иницијатива за реобмислување на значењето на 8-ми Март – Светскиот ден на жената во контекстот на нашето општество денес. Низ отворање нов простор за креативно изразување, размена на информации и знаења и нови можности за соработка и вмрежувања, Прво па женско поттикнува застапување за унапредување на позицијата на жената во современото македонско општество.

Првото издание на настанот во март 2013, беше посветено на презентација на локалната женска креативна сфера и на иницирање на платформа на која претставниците на оваа сфера, не само што ќе ги претставуваат своите проекти и дела, туку ќе можат да се среќаваат со активистите за женски права и пошироката јавност, да разменуваат знаења и вештини и да соработуваат. Второто издание беше прилика за продлабочување и зајакнување на создадените врски, вклучување на нови локални уметници, теоретичари и активисти, но и за споделување искуства и информации со гости од регионот и пошироко, што успешно резултираше со ставање на Прво па женско и неговите учесници на регионалната и европска мапа на иницијативи, настани и фестивали на женски права. Поттикнати од тогаш актуелните законски измени, кои серизоно ги доведоа во прашање репродуктивните, работничките и воопшто човековите права на жените, како и од постојаните напади насочени против ЛГБТ заедницата во земјата, програмата на третото издание на Прво па женско во 2015 година беше фокусирана на реобмислување на позицијата на жените и ЛГБТ лицата во актуелните политички и општествени околности и кон изнаоѓањето нови пристапи во активизмот и застапувањето засновани на соработка и вмрежување.

Оваа година пак, Прво па женско ја слави Жената Борец. Програмата е замислена како портрет на женското лице на годината одбележана со свирежи, скандирања и поворки по улиците. Како одек на автентичната женска борба со пендреците, штитовите, чизмите со метални ѓонови, со барикадите, солзавците и водените топови. На женското НЕ на неправдата, насилството и криминалот. Жените бестрашно и неуморно ги освоија улиците. Уште малку ќе ја освојат и слободата! Слободна Македонија, колку тоа женски звучи!

Настанот ќе се оддржи од 11 до 13.3. во Младинскиот културен центар – Скопје и како секоја година ќе има богата програма исполнета со дискусии, презентации, изложби, филмски проекции, перфроманси, театарски претстави, ДЈ сетови и на истиот ќе земат учество бројни учесници од земјата и од странство.

Фестивалот се реализира во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ,  Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, ЛГБТИ Центарот за поддршка, ЛезФем, Бори се женски и АКТО Фестивалот за современи уметности и со поддршка од Фондација Отворено општество – Македонија, FRIDA The Young Feminist Fund, Zaklada Kultura nova – Хрватска и Младински културен центар – Скопје.

Целосната ПРОГРАМА ќе ја најдете на следната страна.

- Реклама -