Точно пред 118 години, на 30 јули 1898-та, е објавена првата автомобилска реклама во светот. Се појавува на страниците на американското списание Scientific American и го претставува автомобилот на Winton Motor Carriage Company.
Компанијата е пионер во автомобилското производство во САД. Базирана е во градот Кливленд, Охајо, и е една од првите американски компании кои продаваат моторни возила. Очекувано, рекламата е црно-бела, а гласи вака:
„ОСЛОБОДЕТЕ СЕ ОД КОЊОТ и заштедете ги трошоците, грижата и немирот од неговото чување. Да возите моторна кочија чини околу половина цент по милја. МОТОРНАТА КОЧИЈА НА ВИНТОН е најдоброто возило од својот вид некогаш направено. Конструирано е згодно, силно, а сепак лесно и со елегантен финиш. Лесно одржливо. Брзина од 3 до 20 милји на час (од 4.8 до 32 км/ч). Хидрокарбонскиот мотор е едноставен, а моќен. Без мирис, без вибрации. Тркала со амортизирачка жица. Пневматски гуми. Топчести лагери“
Рекламата дава резултат. На 24 март 1898 година, Роберт Алисон од Пенсилванија станува првиот човек што купил автомобил од Winton Motor Carriage Company, откако ја видел рекламата во Scientific American. Подоцна истата година автомобилската компанија успева да продаде уште 21 возила, вклучувајќи и едно на Џејмс Вард Пакард, кој подоцна ќе ја основа Packard Аutomobile Company.
Денес првиот рекламиран автомобил се наоѓа во Музејот на американската историја во Вашингтон, откупен од Winton Motor Carriage Company во 1929 година специјално за да биде дониран на музејот.