Пронаоѓач од Британија ја направил првата картонска правосмукалка во светот од кутијата на друг модел на правосмукалка. Иновативната машина на Џејк Тајлер оставила толку силен впечаток кај џинот Vax што тие решиле да го произведуваат моделот.
22 годишниот студент по индустриски дизајн од Лоубороу Универзитет изјавил: „Имам големи очекувања за производот, особено во азиските пазари како Хонг Конг и Кина. Многу е евтин за производство. Добив работа во Vax па ќе можам да останам со процесот на производство до самиот крај.“ Тој ја развил оваа правосмукалка за неговиот дипломски проект. Тој добил помош од тимот за дизајн на Vax од Ворчестершајр, каде што поминал една година за да се стекне со искуство.
Тој додал: „Идејата ја добив гледајќи го производството на правосмукалки, тогаш почнав да размислувам како да се намали отпадот што е можно повеќе. Се работи за свест за заштита на животната средина, користејќи картон и создавање на производ кој ќе биде лесен за рециклирање.“ Правосмукалката наречена Vax ev е направена од ребрест картон од кој е направена и кутијата. Деловите можат да бидат заменети ако бидат оштетени а чинат една десетина од цената на еквивалентен пластичен дел.
Џејк вели: „Кога ќе се расипе правосмукалка луѓето едноставно ја фрлаат, но оваа може да биде поправена многу лесно. Картонските панели се обложени со слој за заштита од оган а се и отпорни на вода. Луѓето можат да ги персонализираат своите правосмукалки со цртање на картонот.“ Некои делови од правосмукалката се направени од најлон пластика која лесно се рециклира. Ова значи дека Vax ev може да биде произведена во близина на пазарот за кој е наменета, без потреба за скапи фабрики или дистрибуција на големи растојанија.