Презентација на новата моделска гама на Jeep, за време на дилерската конференција во САД, откри слика на ревитализираниот Grand Wagoneer. Гласини за враќањето на луксузниот гигант се појавија во 2012 година, но сликата е првата реална потврда на проектот.
Теренецот е прикажан во друштво на останатите модели на марката и заедно со Grand Cherokee изгледа благо речено – импресивно. По непотврдени информации, Grand Wagoneer ќе биде изграден на платформа која ќе биде користена и за следната генерација на „помалиот брат“. Новиот предводник на Jeep ќе има три реда седишта и ќе биде опремен со шест и осумцилиндерски мотори, меѓу кои и HEMI. Неодамна шефот на Fiat Chrysler Automobile Серџо Маркионе најави дека моделот ќе се произведува во фабриката во Детроит, каде што во моментов се составува пикапот Ram 1500.
Пазарното деби на воскреснатиот Grand Wagoneer е закажано за 2018 година, а теренецот ќе чини над 100.000 долари и ќе биде директен конкурент на Range Rover.