Прсвославните христијани се подготвуваат за Бадник и Божиќ

Бадник традиционално ќе биде одбележан со собир пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде на годинашниот кум Методија Стефановски-Тоде ќе му биде врачен преодниот бадникарски ќуп.

Манифестацијата ќе почне со промоција на новото бадникарско знаме, а Силви Бенд ќе ја изведат бадниковата химна.
Свештениците од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ќе ги осветат нафората, чајот и ракијата, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.
Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан во 11 часот со пригодна беседа ќе им се обрати на скопјани и на сите добронамерници и ќе му го предаде ќупот на новиот кум-бадникар.

badnik

Здравицата годинава ќе ја каже доктор Владимир Плавевски, а на граѓаните ќе им се обратат градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и стариот кум, бизнисменот Даниел Воиновски.

Средбата завршува со чинот на примопредавање на ќупот и кршењето на погачата со златна паричка, што се смета дека ќе му донесе среќа во текот на годината на тој што ќе ја добие. Со пајтонот, симболот на старо Скопје, новиот кум бадникар заедно со ќупот и семејството ќе замине од пред платото на Соборниот храм.
Во пресрет на Бадник, вечер во скопските маала и во другите населени места во Македонија ќе се одржат народни собири со палење бадникарски огнови. Рано изутрина, пак, Рождеството Христово ќе го најават децата коледарчиња.

Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници. Божик е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.

g_badnik-nova

Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза. Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка. Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.

Од друга страна пак, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божик, најголемиот христијански празник.

- Реклама -