Од денеска во функција е веб страната „domasiedoma.gov.mk“ на која граѓаните можат да проверат дали ќе добијат ваучери за туризам во вредност од 6.000 денари.
Ваучер за туризам од 6.000 денари им следува на вработените лица со нето плата до 15.000 ден месечно, односно лицата кои се во работен однос и кои за периодот јануари-април 2020 година оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време, според евиденцијата на УЈП. На овие граѓани им следува и Домашна платежна картичка со вредност од 3.000 денари.
Од страна на Министерство за економија ваучерот ќе им биде испратен на имејл адресата што граѓаните ја оставиле во УЈП, во период од 13 до 15 јуни. На истата имејл адреса, корисниците ќе можат и да го преземат и испечатат ваучерот.
Ваучерите за одмор во домашните туристички капацитети ќе можат да се користат од 15 јули, па сѐ до 15 декември 2020 година. Најдоцна до 5 јули, пак, на платформата ќе бидат објавени сите даватели на туристички понуди кои се пријавиле да бидат дел од програмата и граѓаните ќе можат лесно да ги видат сите достапни капацитети и согласно тоа да одберат каде сакаат да го искористат својот ваучер.
КАКО ДА ПРОВЕРИТЕ?
На платформата „domasiedoma.gov.mk“, внесете го вашиот матичен број (ЕМБГ) во предвиденото поле, а потоа штиклирајте го полето „I’m not a robot“ (и почекајте потврда) и кликнете на зеленото поле „Пребарај“.
Доколку добиете известување дека немате оставено валидна адреса, ќе добиете инструкции на кои телефонски броеви или имејл адреси ќе можете да ги испратите своите податоци.