Четири лица ноќеска околу 1.30 часот провалиле во скопската Зоолошка градина, ама не знаеле дека белиот лав Чака во моментот бил во надворешното живеалиште.
Според директорот Ѓорѓи Галетановски, ништо не е украдено и не е направена никаква штета, но тоа се должи на брзата реакција на чуварот, со клучна помош од лавот Чака. Имено, лицата влегле прекачувајќи се преку оградата кај бараките на Град Скопје, но тоа го видел лавот Чака, кој се исправил на оградата и почнал силно да рика. Неговиот рик помогнал чуварот и полицијата брзо да ги лоцираат провалниците, пренесува „САКАМДАКАЖАМ.мк“.
Како што изјави Галетановски за порталот, додека биле спроведувани, провалниците сѐ уште биле преплашени и се треселе од рикот на лавот.
Во скопската Зоолошка градина беше провалено и минатата година, на 1 мај. Тогаш беше украден дел од алатот за одржување на градината, како бурмашини, косилки и моторни пили, потсетува СДК.