Според информациите од Галеријата, на свеченото отворање ќе присуствуваат претставници од Националната галерија, како и директорот Али Синани. Директорот на Културниот информативен центар – Софија, Зоран Пејковски, ќе се обрати пред публиката. Изложбата ќе биде отворена до крајот на август.
„Проектот ‘Простори на конјункција’ ја дефинира уметноста како динамичен простор во кој интимни фрагменти се спојуваат со колективни мемории и културни матрици, создавајќи театар на тензија и симбиоза. Оваа изложба ја проучува кревката граница помеѓу индивидуалните приказни и широкоразвиените историски и културни наративи – концепт кој произлегува од работите на Жан-Франсоа Лиотар и неговата критика на ‘метанаративите’“, истакнуваат организаторите во соопштението.
Преку графика, цртеж, фотографија, видео, објекти и колажи, уметниците не само што раскажуваат приказни, туку и создаваат мултимедијални платформи во кои секој медиум служи како посебен канал за поврзување. Различните техники не се само формални избори, туку и активни стратегии за премостување на личното со колективното.
„Во оваа изложба, уметниците функционираат како посредници меѓу фрагментите – личните фотосеќавања, гласови или празнини и нивното поврзување со меморијата на јавниот простор. Славица Јанешлиева, со суптилна работа која комбинира графика, текст и објекти, истражува како наративите се распарчуваат и преобликуваат преку лични архиви. Ѓорѓе Јовановиќ, Александар Станковски и Иванчо Талевски ги користат цртежот и фотографијата за да материјализираат идеи за траење и распаѓање, додека Жанета Вангели и Верица Ковачевска внесуваат чувствителна поетика преку објект и фотографија, при што секоја линија и трага го следат пулсот на сеќавањето. Марија Сотировска и Кристијан Јовановски работат со текстурираните повторувања (текст, трансформирано сеќавање) за да поттикнат визуелен дијалог за колективната меморија. Игор Сековски, пак, преку скулптурална фрагментираност, отвора прашања за дехуманизацијата на колективот во служба на индивидуалните цели“, се додава во соопштението.




