Проширена истрагата против поранешниот генерален секретар на Владата Зекири

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК), ја прошири истрагата за поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зекири.

Од Обвинителството за МИА информираат дека станува збор за нова истрага за уште еден кривично правен настан.

„Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција врз основа на прибраните докази при спроведување на истражната постапка што беше започната во април годинава, донесе Наредба за спроведување на нова истрага против лицето за кое покажувате интерес за уште еден кривично правен настан. Имено, Владата на РСМ преку тогашниот генерален секретар склучила договор за консултантски услуги за реорганизација на Желeзници со правно лице без да се испочитуваат законските процедури за склучување на вакви договори“, информираат од ОЈО ГОКК.

Обвинителството го товари Зекири дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма којшто договор бил во вкупна вредност од околу 941 985 евра што е за околу 147 000 евра повеќе од 795 000 евра, износ што бил договорен за консултантските услуги.

На 9 април годинава на Зекири му беше одредена мерка притвор, која што поради здравствени причини во јуни годинава му беше заменета со домашен притвор.

МИА

- Реклама -