Промоција (без промоција) на поезија на Александар Русјаков

14569567_317916641904754_10279856_n[1]

За љубителите на поезијата, денес (7 октомври), од 21 часот, на Факултетот за драмски уметности ќе се одржи промоција „без промоција“, на збирката песни „ГОЛТКА ВОСХИТ ОД СОЛЗИТЕ НА ВЕЧНОСТА“ на Александар Русјаков, во издание на Или Или. Ве чекаме таму.

ТАГА

Порано мислев
Бескрајната тага е камшик
Врел жиг за душата
Неоплодена болка вгнездена во стомакот
Песна за невозвратената љубов
Што ти ја шепоти ноќта
Дури не ти пеплоса лицето
Денес знам
На секоја љубов родена во срцето
Му се радува постоењето
А тагата е лулка над морето радост
Што те ниша за да не заборавиш
Колку е длабоко вљубувањето

РАМНОДУШНОСТ

Рамнодушно доживување на пеколот
Музиката прегласна
Црните кутии бараат помош низ здодевен ритам
Луѓето со искривени лица, вангоговски жолти
Никогаш не чуле за Ван Гог
Наздравуваат за утрешнината
Низ модрите усни ја свиркаат химната на земјата

Тука седат курвите од фирмите
За пуштање крв од срцата
И никогаш не свири џез
Тука е сместен стравот од терористите
И новата војна во ТВ приемниците
Тука мувите пцовисуваат од здодевност
И никогаш не се стемнува вистински

Некогаш пишував катрени за љубовта
Римував страсти и сласти меѓу две голтки вино
И безличен разговор се пепелниците
Секоја ноќ повторно се враќав во живот
А смртта беше игрива брзозборка
Збор од речникот на глупоста

Денес веќе не

Некогаш пишував шекспировски сонети
Полни пеплести солзи за душата
За да ги разбудам премногу натажените дами
Старите збрчкани тетки
Пропаднати сопруги на лоши уметници
Им велев, Артур Рембо ми седи во скутот
А тие ми ја чешлаа косата во своите малечки домови
И ме оставаа да си играм со нивните бакнежи

Денес веќе не

Некогаш мајка ми во четири по полноќ
Стоеше над мојата постела
Среде мирисот на вино во воздухот
И ги слушаше моите воздишки
Ми ги бришеше валканите траги од телото
Белези од постојаното губење рамнотежа
И дури ја гледав низ испуканиот превез врз очите
Ми велеше, ќе завршиш во кафеаната на уморот

Денес веќе не

Денес одам под неонската реклама на пеколот
Некогаш ги минував автопатите
Ги сонував соништата на чудните возачи
Им ја откривав тајната на древните скитници
Обземени од моќта на магичните билки
Обземени од некои други приказни

Денес веќе не

Денес повеќе љубовта не ја викам на двобој
Некогаш вистински се вљубував
Гризав нокти и копав ровови
Кревав скривалишта и тишини

Денес веќе не

Сега сум тука, на истото место
Среде прегласна музика без тишина во срцето
Среде истрошени лица кои не ми се потребни
Среде рамнодушно доживување на пеколот

- Реклама -