На 3 декември, со почеток во 20:00 часот, во „Јуроп хаус“ во Скопје, ќе се одржи промоција на Зборникот од меѓународната научна конференција под наслов „Мит и драма: современи толкувања“, која се реализираше во ноември минатата година.
На настанот ќе настапат уредниците на Зборникот: Наташа Аврамовска, Деспина Ангеловска, Дарин Ангеловски, Бесфорт Идризи, Владимир Мартиновски и Кристина Н. Николовска.
Изданието, кое е во продукција на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, Институтот за македонска литература – Скопје и Факултетот за драмски уметности – Скопје, содржи 31 научен труд, вклучувајќи го и пленарното предавање на Светлана Слапшак, редовен професор и поранешен декан на Институтот за балкански и медитерански студии и култура од Љубљана. Трудовите се на македонски, англиски, француски, српски и бугарски јазик.
На конференцијата што се одржа лани учествуваа над педесет стручњаци од областа на хуманистичките науки и театарските студии, кои истражуваат во земјава и во странство, дискутирајќи за сложените релации меѓу драмата и митот, од антиката до современоста.




