Во рамките на 58. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, денеска во 11 часот ќе се одржи промоција на книгата „Антигона“ од Славој Жижек во превод на Марио Стојаноски. За книгата ќе зборуваат режисерот Борис Василески, преведувачот Марио Стојаноски и актерката Ава Хусеини.
Славој Жижек (1949) – словенечки филозоф и теоретичар на културата, најистакнат претставник на Љубљанската психоаналитичка школа. Еден од највлијателните мислители на денешницата. Главно се занимава со континентална филозофија (хегелијанизам, психоанализа, марксизам), политичка теорија. Автор на повеќе од четириесет книги и над двесте статии и есеи. Преведуван на педесетина светски јазици.
„Антигона е особено модерна јунакиња. Таа е бунтовничка, отказничка, феминистка, антикапиталистка (принципите се поважни од парите), можеби самоубиец, со сигурност маченичка и несомнено тешка, упорна личност, не многу поразлична од жените на Ибзен. Таа е поодлучна од Хамлет, помалку иритантна и зборлеста и не ги прави работите одоколу како него, – но, би можело да се каже дека е подеднакво млада колку него – ги преживеала вековите и останала еден од најголемите ликови на севкупната литература. Дали Антигона е светица, злосторничка со извонреден интегритет, мазохистка, или само тврдоглава и безобразна? Или, пак, дури и „луда“, во смисла да е невозможно да ја разбереме?
„Антигона“ на Славој Жижек би можела да се опише како дијалектичка поучна драма, едно „што ако“ што го покажува човековото дејствување од бројни гледни точки, исто како што смислата на психоанализата не е да ги отстранува конфликтите, туку да ги изложува, вели Ханиф Курејќи. Драмата не ни кажува што да мислиме, затоа што не е прирачник за размислување, туку нешто сосема друго: прирачник за неопходноста на сложеноста. Таа прикажува еден неопходен конфликт, покажувајќи дека демократијата ја овозможуваат корисни, а не смртоносни конфликти“