Програма за бегалци: Запознај го сексот во Европа

Специјални курсеви за сексот, сексуалните односи и комуникацијата со жените нуди Норвешка. Главната цел на програмата е да ги информира бегалците кои доаѓаат од арапскиот свет за односите меѓу половите и интимните патишта на Стариот континент.

618x407

Норвешка е позната како најлиберална држава – не само во светот, туку и во Скандинавија, и тоа е една од мерките со кои властите се обидуваат да го намалат бројот на силувања и сексуална злоупотреба.

Обуките главно се одвиваат во форма на дебати за животни ситуации во кои може да се најде секој.

На учесниците не се гледа како на потенцијални криминалци, туку напротив – како на полноправни членови на норвешкото општество, кои можат да служат за пример и да спречуваат напади врз жени, ако станат сведоци на такви.

Голем број европски држави упатија поглед кон искуството на Осло, вклучувајќи ги Данска и Белгија, каде се предвидува “националниот однос кон сексот” и особено “почитта кон жените”, да биде ставен во програмите за интеграција, јазична обука и едукација на бегалците.

Всушност, кампањата започна уште во 2009-та година, откако серија сексуални напади, главно од мигранти, кои беа извршени по улиците на Ставангер, трет по големина град во Норвешка. По шокантните настани во Келн сепак норвешката иновација е на дневен ред.

Полицијата во Германија продолжува да го истражува “новиот тип организиран криминал”, извршен главно од “мажи со арапско потекло”.

Коментарите на темата исто не стивнуваат, вклучувајќи дали бегалците – муслимани можат да се вклопат во слободното западно општество во кое разголената нога или деколте не значат директна покана за секс.

Не сите сепак се среќни…

„Ги знам сите овие работи од мојата татковина. Сирија е како Норвешка – секаде има назадничави луѓе без образование”, вели 52-годишен учител од Алепо.

Исам Алхлаби стои со скрстени раце во друштво на 21 млади негови сонародници, вклучени во програмата, и знае дека ништо ново не може да научи.

Тој не е единствениот во групата, кој се чувствува изложен на стереотипот за сексуалната послушност на жените во исламскиот свет, да не зборуваме за т.н. оправдани силувања.

„Ова е неверојатно – повеќето луѓе сметаат дека не знаеме за што станува збор, бидејќи сме странци, аутсајдери. Ние не доаѓаме од мирна држава. Но, ние се соочуваме со тоа секој ден дома. Имам две сестри и тие можат да бидат нападнати, додека шетаат насекаде во светот “, додава Муаз, 26-годишен пилот.

Исам и Муаз се наоѓаат во провинциски бегалски камп, лоциран на западниот брег на Норвешка. Во “соседството” најблиското нешто е германски бункер, изграден во Втората светска војна, а најголемиот извор на бучава е Атлантскиот Океан, чии што бранови се удираат во блискиот брег.

Како се одвива лекцијата?

Професорката Линда Хаген им покажува слика на млада бринета со кратко здолниште и високи потпетици. Прашува “Каков сигнал издава таа?”.

Мажите се поделени на групи и почнуваат да дебатираат, по што споделуваат со сите. “Може да е нормална ситуација”, вели еден. “Ништо невообичаено”, додава втор. “Може да оди на кафе”, претпоставува трети.

Никој од нив не зборува дека жената на сликата е провокативна.

„Сакаме да им помогнеме на барателите на азил и бегалците да избегнуваат погрешни чекори, додека ја откриваат и навлегуваат во норвешката култура. Не се обидуваме да наметнуваме културна норма врз никого, бидејќи тоа е недозволиво за едно демократско општество “, коментира Линда Хаген.

Следува друга игра – сценарио. Херојот во приказната се вика Хасан, пристигнал во Норвешка пред повеќе од една година и се спријателил со Арне кој сака да заведе фина девојка на улица. Прашањето на групата е што треба да направи Хасан.

Одговорите одекнуваат – Хасан го одвраќа Арне од неговите намери или се уверува дека девојката се прибира дома.

Се користат и популарни видеа што се практикуваат во американските кампуси. Едно од нив за момче и девојка на забава, кои се забавуваат, танцуваат, бакнуваат и конечно одат во спалната соба. Таму момчето ја злоупотребува девојката, иако се опира и не сака сексуален контакт.

“Што мислите за момчето? Што мислите за девојката “, прашува Хаген.

„Ако сум на местото на момчето, ќе помислам дека таа е заинтересирана за мене, бидејќи се качува по скалите и седнува на креветот“, одговара еден од бегалците.

Друг го обвинува момчето, бидејќи употребува сила. Аргументот му е дека и „двајцата треба да се согласни“. Исам исто така се изјаснува: „За мене од самиот почеток беше јасно дека ќе дојде до силување. Таа очигледно беше загрижена, додека се искачуваше по скалите“.

Линда Хаген тврди дека ретко добива негативни критики откако е вклучена во програмата во 2011-та година. Има и видливо задоволни ученици. Меѓу нив е 25-годишниот сириски студент Хани Салуим кој го резимира она што го научил за еден месец: “Претходно знаев дека тука девојките се послободни отколку дома, но сега знам повеќе”.

- Реклама -