„Правото сега треба да молчи. Ние имаме нова околност, загрозување на целата нација“, коментира универзитетскиот професор по уставно право – Светомир Шкариќ, за „Слободен печат“, во однос на предложената мерка за ограничување на бројот на гости во домашни услови на максимум 4 лица која министерот Филипче и Комисијата за заразни болести ја предлагаат до Владата.
„Што е Уставот во однос на пандемија? Ни правото ни уставот не можат во вакви вонредни услови да имаат никакво значење“, вели Шкариќ, посочувајќи го примерот на Велика Британија, односно дека во Лондон повеќе од шестмина не смеат да се движат по улица. Притоа, Шкариќ се повикува на Жан Моне, кој вели дека „нужноста ја создава Европа, а не нечија желба“. Според Шкариќ, и кај нас сега има нужност.
„Ако една Америка не може да излезе на крај, што останува за малите народи? Ќе исчезнеме како ништо ако не постојат светските усилби да се дојде до вакцината. Ситно е да го толкуваме Уставот сега во вакви услови. Треба да се обединиме и многу проблеми да решаваме без правни средства. Да се види како да се спасиме и да ги почитуваме мерките“, вели професорот, според кого конкретната мерка за ограничување на посетителите во домот не се однесува на неповредливоста на домот, туку е во доменот на ограничување на правото на слобода на движење.
„Сѐ е тоа ограничување на слободата на движење, и во домот дури. Во прашање е повисокото добро, животот, и тоа не само на еден човек, туку опасноста што нечие однесување може да биде за другите животи“, додава Шкариќ, повторно како пример посочувајќи ги Британците, кои, како што вели, ни до паб не можат да отидат.