Основниот суд во Приштина им го продолжи притворот на тројцата етнички Срби, осомничени за нападот од 24 септември во Бањска, во северно Косово, каде што беше убиен припадник на косовкста полиција, јави дописникот на МИА од Приштина.
Информацијата во денешната изјава за медиумите ја потврди портпаролката на приштинскиот суд, Мирлинда Гаши, која информира дека осомничените ќе останат во притвор до 24 февруари 2024 година.
– Ве информираме дека, на барање на Специјалното обвинителство на Република Косово за продолжување на мерката притвор за осомничените Д.М., Б.С. и В.Т., Основниот суд Приштина – Специјалниот оддел… им ја продолжи мерката пртитвор за по два месеци на секој од нив. Притворот им е продолжен од 24.12.2023 до 24.02.2024, се вели во писмената изјава на Гаши доставена до косовските медиуми.
Тројцата осомничени се во притвор од 26 септември.
На 24 септември вооружена група Срби ја нападнаа косовската полиција во селото Бањска кај Звечане, при што беше убиен наредникот Африм Буњаку. Во вооружените судири што уследија истиот ден беа убиени тројца од напаѓачите.
МИА