Колку пати ви се има случено да влезете во супер маркет со список на производи што ви се потребни, а од таму да излезете со неколку ќеси плус? Не грижете се, тоа не е ваша вина. Продавниците користат најразлични трикови за да ве натераат да потрошите повеќе.
Поголеми колички
Исто како што имате поголеми шанси да се прејадете ако храната ви е сервирана на големи чинии, така потсвесно ќе се обидете да ја наполните поголемата количка за купување. Одамна, сите колички беа со стандардна големина, но полека, одредени продавници започнуваат да воведуваат поголеми колички. Ништо не е случајно.
Организиран лов
Сте се запрашале ли некогаш зошто купувањето во огромните маркети е повозбудливо од она во мини маркетите? Тоа што ја држи возбудата на високо ниво е фактот што никогаш не знаете кога ќе налетате на попуст, добра зделка од типот 2+1 или нешто слично, во средината помеѓу некои рафтови. Тајната на продавниците е во тоа што тие секогаш имаат вакви попусти, со едноставна замена на производите.
Игри со цените
Најголем дел од луѓето не можат да ги споредуваат цените на сите производи во маркетите, па затоа најчесто ги споредуваат големите продавници врз основа на производите што најчесто ги користат. Доколку видите дека на пример: јајцата, млекото и тоалетната хартија се за неколку денари поевтини од местото каде што претходно сте купувале, ќе заклучите дека тој маркет е поевтин. Ова им дава можност да ја подигнат цената на сите останати производи за 10%, без воопшто да забележите.
Лажни распродажби
Луѓето имаат тенденција да плаќаат повеќе за одредени производи, затоа што тргнуваат од претпоставката дека повисоката цена значи подобар квалитет. Па, ако видите кујнски уред во вашиот супер маркет, чија цена е снижена од 4.900 на 3.900, многу поверојатно е да посегнете по него, отколку по сличен уред во специјализирана продавница, што чини 3.500 денари, мислејќи дека добивате нешто многу повредно за приближно истите пари.
Групирање на производите
Ако сте отишле по една паштета, многу е веројатно дека ќе купите четири, доколку постои понуда која вели дека добивате 4 за 100 денари (иако една е 26 и вам не ви се потребни повеќе). Психологијата вели дека сите инстинктивно посегнуваме по добрите зделки, сакајќи да добиеме повеќе.
Предизвикување среќни мисли
Најскапите производи најчесто се изложени на самиот влез од супер маркетите, за веднаш да ви паднат во очи. Продавниците не очекуваат да ги купувате често, туку стратешки ги поставуваат на највидливото место за да го активираат центарот за задоволство во вашиот мозок. Со тоа, вие веќе сте одлучиле да ја наполните количката со производи со пониска цена, иако едвај сте влезени низ вратата.
Клучот е во допирот
Психолошките истражувања покажале дека ако го допрете производот, драстично се зголемуваат шансите да го купите. Затоа, најголем дел од продавниците ги редат производите што им се привлечни на децата блиску до касите, на пониско ниво, облеката се реди на пониски полици, за да ви биде попристапна, добар дел од прехранбените производи се нудат со бесплатно пробување, а козметиката оди со тестери.
Промена на распоредот на продавницата
Купувате во омилениот маркет и точно знаете кој производ е лоциран на кој рафт и имате рута по која обезбедувате сѐ што ви е потребно. И тогаш, еден ден, влегувате и рафтовите се разместени. Не, продавницата не ја променила политиката на работа, добавувачите или пак видот на производи. Нивната цел е едноставно да ве задржат внатре колку што е можно подолго. Со тоа се зголемуваат шансите да купите нешто што не ви е потребно.
Стратешки поставени ситници
Се сеќавате ли дека порано, непосредно до касите имаше само гуми за џвакање, чоколатца, презервативи и запалки? Погледнете го истото место денес. Таму ќе најдете DVD-а, мапи, пенкала, честитки, лабела и уште еден куп други корисни ситници кои не ви биле на списокот за купување, но можеби ќе ви се најдат еден ден.
Игра со сетилата
Сте забележале ли како големите маркети ги прскаат зеленчукот и овошјето со вода, за тие постојано да изгледаат свежо? Одеднаш, вашиот супер маркет е преплавен со мирисот на свежо печен леб? Музиката што свири е тивка и ве опушта? Ништо не е случајно! Колку ви е поудобно и колку повеќе се чувствувате како да сте дома, толку повеќе ќе го отворите паричникот и ќе заборавите дека постојат и други денови во месецот…