Од 10 часот утрово, во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на распит се појави Агапи Дика – претседателката на собранието на невладината на Боки 13 – „Меѓународен сојуз“. При пристигнувањето во Обвинителството, во изјава за новинарите таа рече дека не знае ништо за 700-те илјади евра кои легнале на сметката на невладината.
Попладнево кај Русковска е повикан и бизнисменот Зоран Азманов, кој исто така тврди дека е рекетиран.
Утрово, пак, повикана за „Рекет“ била и давала исказ и продавачка од продавницата на францускиот моден бренд Пјер Карден, од каде, според сомнежите на Обвинителството, Боки 13 купувал скапа облека, но и мебел, објави „Фокус“. Преку сведочењето на продавачката, Обвинителството проверувало каде, односно дали таму првоосомничениот Бојан Јовановски ги трошел парите стекнати од рекетот. Според извори на „ТВ НОВА“ од Обвинителството, мебелот на Боки 13 сѐ уште не е запленет.
Вчера во Обвинителството изјава давала и Јованка Кухар – финансиски раководител и координатор на проектите на „Меѓународниот сојуз“, пренесе „Сител“.