Високи функционери на ДУИ за „Плусинфо“ ги потврдиле шпекулациите дека ранувањето на економскиот директор на Гинекологија – Ваљон Беља, е резултат на расправија во која тој барал од чаирскиот градоначалник Висар Ганиу да му исплати плати од Општина Чаир, каде претходно бил вработен. Деталите околу барањето остануваат непознати.
Според изворите на Плусинфо, пукањето се случило пред зградата каде што живее чаирскиот градоначалник, но тој лично не се симнал да се сретне со Беља, туку го испратил неговиот шеф на кабинет Е.А., Е.Х., Р.Н., како и пукачот кој засега е непознат за јавноста.
Изворите од ДУИ за Плусинфо велат и дека ќе бараат од лидерот на ДУИ – Али Ахмети, да го исклучи Беља од партијата, но и негова смена од директорската позиција во Клиниката за гинекологија.
Официјално, и Ганиу и ДУИ молчат.
Од друга страна, бељата со Беља го исфрли на површина целосниот распад на еден од најмоќните разграноци на ДУИ – чаирскиот, предизвикан од крајната нетрпеливост на двете крила, оценува Плусинфо. Нетрпението особено се засилило откако работата на терен ја презел вицепремиерот Бујар Османи, кому му е дадена преголема моќ, тврдат изворите за Плусинфо, а кој се смета и за директно заслужен за поставувањето на Беља за економски директор на ГАК. Подетално прочитајте на Плусинфо.