Денеска во Прага, како и во северните и источните делови на Чешка, дојде до прекин на електричната енергија. Целиот источен брег на реката Влтава остана без струја. По неколку минути прекин, метрото и некои трамвајски линии повторно почнаа да функционираат, потврди заменик-градоначалникот на Прага, Зденек Хржиб.
Аеродромот „Вацлав Хавел“ работи без проблеми, изјави претставничката Дениса Хејтманкова.
Во делови од Прага, по источниот брег на Влтава, не функционираат ниту банкоматите ни семафорите, а многу продавници и ресторани останаа без струја.
Според првичните информации, причината за прекинот се дефекти во голема разводна станица на источната периферија на градот. Комуналното претпријатие PRE објави дека работи на отстранување на проблемот, но не е познато кога електричната енергија ќе се врати.
Прекини на струјата се забележани и во околните градови, како што се Млада Болеслав, каде се наоѓа фабриката за автомобили „Шкода“, како и во Усти на Лаба и Храдец Кралове.