Приватните превозници и денеска продолжуваат со блокада на булеварот „Илинден“ кај Град Скопје. Блокирани се лентите на булеварот на потегот од Фонтана до крстосницата кај ГОБ „8 Септември“.
Помош да се најде решение за проблемот со исплатата на долгот од Град Скопје, во петокот побараа и од премиерот Димитар Ковачевски до кого, велат, испратиле барање за средба.
Ковачевски, во интервју за МИА, пак, изјави дека дневни, менаџерски проблеми, како овој, не се работа на Владата, туку треба да го решат градоначалничката на Град Скопје и мнозинството во Советот на градот. Во интервјуто, тој оцени дека Скопје во моментов е нефункционален и заглавен град со колабиран јавен превоз, со граѓани кои едноставно не можат да си ги завршат дневните обврски и не можат да функционираат нормално. Според него, таквата прескапа цена граѓаните ја плаќаат поради кавгите на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска.
Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ започнаа со блокада на главниот град на 28 ноември кога со околу 30 автобуси на раскрсницата кај Мавровка, односно булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, побараа да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа.
Откако немаше исход, приватните превозници на 5 декември оваа година направија поголема блокада со поставување на околу 200 автобуси на неколку главни точки во главниот град, односно крстосниците пред ТЦ Мавровка, Црвен Крст, како и булеварот „Илинден“. Во петокот ги одблокираа крстосниците кај Мавровка и Црвениот крст.
Извор: МИА