Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека денеска пристигнала донацијата од 100.000 вакцини на „АстраЗенека“ од Грција.
Филипче посочи дека донацијата е на лична иницијатива на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој истата му ја ветил на премиерот Зоран Заев.
„Уште еднаш се потврдуваат добрососедските односи и поддршка кои се особено значајни во време на пандемија. Голема благодарност до грчкиот народ, владата на Република Грција и амбасадорот на Грција во нашата земја – Н. Е Русос Кундурос, со кој утрово ги пречекавме вакцините“, напиша Филипче.
Како што соопшти тој, вакцините веднаш ќе бидат дистрибуирани по вакциналните пунктови, а ќе бидат наменети за лица над 60 години – согласно стратегијата за вакцинација. Филипче додаде дека вакцинацијата забрзува и потсети дека од понеделник сите граѓани ќе може да се вакцинираат и без закажан термин.