Стигнаа тестовите на двајцата македонски доктори кои викендов се вратиле од Шпанија. И кај двајцата резултатите биле негативни, односно не покажале присуство на коронавирусот.
Како што соопшти министерот Венко Филипче на денешната прес-конференција, Министерството за здравство викендов било информирано од страна на Светската здравствена организација дека двајцата доктори присуствувале на конгрес во Мадрид, каде еден од предавачите бил позитивен на тестовите за коронавирус.
Докторите се вратиле во земјава во саботата вечерта, а во меѓувреме останале дома и контакт оствариле само со семејствата, со оглед дека во недела не биле на работа.
Како што информираше Филипче, пак, по интервјуто со нив, утврдено е дека тие не биле во контакт со конкретниот предавач на конгресот во Мадрид, ниту пак со било кое друго лице кое пројавувало некакви cимптoми.
Згора на тоа, со оглед на кратката изложеност – таму присуствувале само ден и пол, мали се шансите тие да го имаат пpeфатено коронавирусот, а уште помалку тие да се преносители. Сепак, тие беа тестирани заради превентива, истакна Филипче на прес-конференцијата, кога уште не беа познати резултатите. Од превентивни причини, сепак, тие ќе останат и во домашен каpaнтин во период од 14 дена, соопштуваат од министерството.
Покрај нивните, пристигнати се резултатите на уште двајца патници. Едниот е кинески државјанин кој денеска пристигнал на скопскиот аеродром и немал cимптоми, но бил ставен во изолација со оглед дека доаѓа од Кина. Другиот е македонски студент во Италија. И нивните резултати биле негативни.
Засега, единствениот потврден случај на коронавирус во Македонија останува 50-годишната пациeнтка која со комбе пристигна во земјава по подолг престој во Италија. Како што информираше Филипче на прес-конференцијата, веќе трет ден таа нема температура, што значи дека процесот на опоравување е во тек.