Принцот Вилијам: После часови со татко ни застанувавме да собираме ѓубре

Британскиот престолонаследник – принцот Чарлс, за време на училишните празници во Норфолк, ги учел своите синови на екологија, открива неговиот најстар син – војводата од Кембриџ.

„Одевме таму со стапови, собирајќи го ѓубрето во пластични кеси“, објаснува принцот Вилијам. „И двајцата (тој и брат му) мислевме: Па добро, ова е сосема нормално, сигурно ова сите го прават“, споделува Вилијам во разговорот од 60-минутната програма на BBC по повод претстојниот 70-ти роденден на принцот Чарлс.

 

BBC изминативе 12 месеци имаше ексклузивен пристап до принцот Чарлс, снимајќи го документарниот филм „Принц, син и наследник: Чарлс во 70-ти“.

Во документарецот, Вилијам и неговиот помлад брат – војводата од Сасекс – принцот Хари, го коментираат говорот на Чарлс од 1970-тите, во кој принцот предупредува на опасноста од пластичниот отпад, но раскажува и како татко му ја поттикнувал неговата еколошка свест.

Хари додава дека нивниот татко одработил „одлична работа“ воспитувајќи ги на начин да не мора да им кажува што треба да прават.

„Понекогаш ќе застанеше на пат од школо за да собере ѓубре“, вели Хари, додавајќи дека Чарлс не застанувал свесно да бара ѓубре, но штом ќе забележел некој фрлен отпад, едноставно веднаш реагирал и го собирал. „Буквално го правам тоа бидејќи сум програмиран да го права, затоа што и мојот татко го правеше тоа, и затоа што всушност и сите треба да го правиме“, вели Хари.

Вилијам, пак, потврдува дека нивниот татко навистина живее според начинот кој го заговара.

Принцот Чарлс 70 години ќе полни на 14 ноември, а документарниот филм „Принц, син и наследник: Чарлс во 70-ти“ ќе биде прикажан на 8 ноември на тв каналот BBC One.

 

- Реклама -