Примени на пастата за заби надвор од вашата уста

Освен очигледната, постојат и многу други примени на пастата за заби. За овие трикови ќе ви послужи дури и најевтината, благодарение на својствата што ги имаат сите забни пасти. Издвојуваме некои од нив, со напомена дека треба да ги избегнувате пастите што содржат триклосан.

Отстранете го мирисот на бајато млеко од бебешките шишенца. Измијте ги со мешавина од вода и паста за заби. Исплакнете ги темелно.

Исчистете ги дамките од вашиот килим. Нанесете малку паста и втријте ја со четка за заби. Повторувајте го процесот додека не исчезне дамката. За тврдокорните дамки, подобро е да користите средство за теписи.

Отстранете ги гребнатините на екраните на мобилните телефони. Ставете малку забна паста и нежно тријте со прстот. Исплакнете и исушете со сува крпа. Методот е корисен и за стакленцата на рачните часовници (ако има уште такви што ги носат).

Светнете ги типките на пијаното. Нежно истријте ја секоја типка со малку паста и влажна памучна крпа. Потоа поминете со сува крпа.

Пребришете го мијалникот. Следниот пат кога ќе ви падне од пастата за заби во мијалникот, наместо да ја измиете, прво размачкајте ја наоколу. Природниот абразив делува исто како и другите средства за чистење, а во исто време и го деодоризира мијалникот.

Toothpaste-Colors

Негувајте ги модринките. Пред спиење, нанесете мешавина од паста за заби и лосион за кожа и завиткајте ја ногата со завој или платно за да ја зачувате постелнината. Утрото измијте го местото и повторете го ова 2 или 3 вечери. Модринките кои обично траат недела или две, сега ќе исчезнат многу побрзо.

Спречете ја иритацијата при каснување од комарци и други инсекти. Пастата ја намалува иритацијата и ја лади кожата. Можете да ја користите и кај убоди од пчели, освен ако не сте алергични.

Лекувајте благи изгореници. Изгореното место изложете го под млаз од ладна вода за брзо да ја смалите температурата на кожата. Кога ќе исчезне првичната болка, нанесете забна паста за перманенто да ја оладите кожата.

Смирете ги кожните осипи. Освен каснувањата од инсекти и изгорениците, пастата ги смирува и разните осипи на кожата, под услов да нема отворени ранички.

Светнете ги хромираните елементи. Особено во бањата, ако ви пречат дамките од вода на чешмите и останатите хромирани предмети, можете да ги протриете со забна паста и да се воодушевувате на одразот додека ги миете забите, на пример.

Маскирајте ги дупките од клинци на ѕидот. Ако ја немате потребната боја, можете да употребите паста за заби со малку сенка за очи (за да ја добиете саканата нијанса) и да ги покриете дупчињата. Ако ѕидот е бел, работата е уште полесна.

- Реклама -