Имплементација на иновативни дигитални решенија во лозарството и примена на вештачка интелигенција во активностите на Винарската визба „Тиквеш“ ќе бидат дел од темите на „AI Tech Summit”, што ќе се одржи во Скопје од 29 до 30 септември годинава, во организација на ТBM Group од Чешка и М6 едукативен центар како ко-организатор на настанот. На престижниот самит посветен на вештачката интелигенција (ВИ) и нејзината улога во трансформацијата на општествата, говорници се водечките „умови“ во оваа индустрија од целиот свет. Во фокусот на самитот ќе бидат најновите трендови на полето на технологијата и вештачката интелигенција и нивниот потенцијал за трансформација на различни индустрии и општествени сфери.
ВВ „Тиквеш“ како лидер во регионот во воведување и користење на дигитални решенија и вештачка интелигенција во лозарството, ќе има можност да ги сподели своите искуства пред експертите од областа и да ги презентира придобивките за винската индустрија. Покрај другото, ќе биде презентиран и моделот на софтверска апликација за мониторинг – „4Grapes”, која овозможува следење на состојбата на секој лозов насад во реално време со што се подигнува квалитетот на лозовите насади, како и ефектите од употребата на ВИ во навремено откривање на болести кај грозјето, влијанието на климатските промени и можните решенија за навремена реакција.
За примена на иновативни дигитални методи и вештачка интелигенција во производство на висококвалитетно грозје, на „AI Tech Summit” ќе зборуваат Џовани Бигот, консултант на ВВ „Тиквеш“ и основач на „Перлеуве“ (Perleuve) и Александра Ристова, раководител на Одделот за управување со лозови насади во ВВ „Тиквеш“. Џовани Бигот е водечки светски истражувач и промотор на иновации во лозарството, кој од неодамна заедно со тимот на „Тиквеш“ работи на имплементација на дигитални алатки и софтвери.
На „AI Tech Summit” своите искуства и достигнувања пред присутните ќе ги споделат над 20 говорници, а темите се поделени во неколку клучни области. Првата тема се однесува на етичките импликации на вештачката интелигенција, клучна тема на која се дискутира на глобално ниво. Потоа следуваат теми кои го истражуваат влијанието на ВИ врз финансискиот сектор и врз производството, а во рамки на самитот говорниците ќе зборуваат и на темите посветени на значењето на податоците за развој на вештачката интелигенција, на влијанието што вештачката интелигенција ќе го има врз човештвото, како и на револуцијата што ВИ ја создава во правната индустрија.
Преку фокус на етичките дилеми, предностите, предизвиците и заканите поврзани со технологијата на вештачката интелигенција, на конференцијата ќе се разгледа и суштината на користењето на ВИ во функција на благосостојбата на поединците и општеството како целина.
* Комерцијален текст