„Приказната зад камерите е различна“: Сања Николиќ со порака по одлуката на Слаткаристика

По реакциите што се појавија во јавноста во врска со финансиската поддршка за документарниот филм за неговиот живот, Марко Маринковиќ, познат како Слаткаристика, објави дека проектот ќе продолжи, но без средствата од Агенцијата за филм. Во својата објава на социјалните мрежи, раперот нагласи дека внимателно ги следел коментарите и јавните реакции во претходните денови и одлучил да ја појасни ситуацијата.

„Сакам да биде јасно – ниту барав, ниту ми се доделени средства. Поддршката ја доби документарниот филм и еден посветен тим, кој две години работи на истражување на приказната што раскажува многу повеќе од само мојот живот“, истакна Слаткаристика.

Тој нагласи дека е признателен што проектот беше препознаен од комисијата на Агенцијата за филм, но дека не сака иницијативата која промовира разбирање, прифаќање и поддршка да биде причина за било какви поделби.

Прочитајте и:  Малолетник физички нападна деветгодишно момче во дворот на црквата во Брвеница

„Затоа, одлучивме филмот да се реализира без средствата од Агенцијата за филм. Продолжуваме со поддршка од сите наши пријатели, соработници и обожаватели. Светот ќе го чуе гласот на најтишните, а се гледаме на премиерата“, порачал тој.

Постот на Слаткаристика доби поддршка и од неговата сопруга, Сања Николиќ, која на Инстаграм сподели фотографија со кратка порака: „А приказната зад камерите е поинаква… секогаш искрена, но понекогаш доста тешка. И тој… е единствен и свој“.