Приказна за борбата надвор од рингот

Приказна за борбата надвор од рингот: Критички осврт кон филмот „Коза“ на Иван Острочовски (Марина Верушевска)

maxresdefault

Уште од првата сцена, филмот јасно дава до знаење дека ова ќе биде филм кој нема да ве поштеди, филм во кој нема херои, ниту шампиони. Станува збор за поранешниот олимписки боксер Петер „Коза“ Балаш, кој треба да најде пари за абортус на неговата девојка Миша, и тргнува на турнеја со неговиот менаџер Звонко. Тој не оди да победи, туку да преживее.

Филмот, спакуван како целина, претставува целосен производ, креација на режисерот Иван Острочовски (Ivan Ostrochovský) кој се потпишува како режисер и косценарист, односно пишувач на приказната. Неговиот наративен приказ изненадува со искреност и убавина. Филмот е еден совршен баланс на документаристика и фикција. Дејството се одвива како една патувачка приказна, која оди низ замрзнати предели и само делумно ги открива карактерите преку ретките дијалози. Карактерите на ликовите се откриваат преку делување, а не зборување. Оставено е на гледачот самиот да направи конструкција за нив, тие се прикажани ненаметливо реални, какви што се, во нивниот обид да преживеат кој како знае и умее.

коза1

Ликовите се глумат самите себе, тие не се професионални актери, значителен податок кој го формира тој документаристички дел. Динамиката на односот на главните ликови Коза и Звонко, постојано се менува, благодарение на односот на Звонко кон Коза. Го потценува, го изгладнува, суров е кон него, за до крајот да видиме дека всушност се грижи за него. Звонко е одлично портретиран лик, човек со минато, кого животот не го поштедил и тој не знае да се однесува поинаку.

Од друга страна, во овој однос Коза е пасивниот чинител, кој својот живот доброволно го предава во рацете на Звонко, во кого има целосна доверба. Коза е прикажан наивен како дете, но одлучен во својата цел, и по цена на живот. Победата е недостижна и веќе не му е потребна. Таа стои на VHS лента, нереална, како сеќавање за едно минато време. Уште еден „бивш“ човек е ликот на Јан Франек, боксер во пензија, кој исто така се глуми самиот себеси. Тој со неговата глума го носи трагикомичниот белег кој што е заедничка одлика за сите тројца и придонесува за дозираниот црн хумор кој го освежува тешкиот наративен тон.

коза2

Минималистичкиот израз на кинематограферот Мартин Колар, ја истакнува мизеријата и пропаѓањето, но на еден поетичен начин. Тој се служи со долги кадри кои секако не ги очекувате кога гледате филм за бокс. Но ова не е филм за бокс, ова е филм за сурово преживување, а боксот е само алатка која се користи да за стигне до пари. Квалитетните долги кадри не запаѓаат во монотонија. Таа се избегнува со импресивните сцени на замрзнати предели, грандиозни во своето пропаѓање, сурови и реални, и затоа толку убави. Статичната камера го открива сензибилитетот на Колар како фотограф, и воедно нуди една психолошка дистанца, но сепак успева да поттикне емпатија кај гледачот кој со развивањето на настаните, е загрижен за здравјето на Коза. Додека животот е суров кон протагонистите, филмот им нуди утеха, но без лажно прикажување, туку преточена преку една искрена човечка димензија во која вистинските херои се надвор од рингот.

Критиката е победник во делот за филмска критика на фестивалот Cinedays што се одржа во Скопје.

- Реклама -