„При изградба на малите хидроцентрали затрупана Маркова Река, да се одземе концесијата“ – бара Еко-свест, силна осуда и од ГОИЕ

„И покрај сите апели, барања и предупредувања од граѓанските организации да се почитуваат мерките за заштита на животната средина, Маркова Река деновиве ја затекнавме комплетно затрупана со камења, карпи и земја како последица од градежните активности за трите мали хидроелектрани што се градат во погорниот тек на оваа река“, информира НВО Еко-свест.

Оттаму истакнуваат дека по алармирање од локалното население, деновиве излегле на терен и дека бараат Министерството за животна средина да започне постапка за раскинување на издадената концесија за хидроелектраните Маркова Река 143, 144 и 145, а концесионерот да ја поправи состојбата на реката.

„Реката и речното корито се целосно уништени. Цели сегменти од реката се затрупани со материјал од градежните активности, при што е оневозможено нормално течење на реката и е уништен целиот екосистем. Според членот 44 од Законот за води „носителот на дозволата не ја врши дејноста согласно со условите утврдени со дозволата, односно врши битна и континуирана повреда на условите за вршење на дејноста од јавен интерес утврдени во дозволата“, и надлежниот орган треба да постапи. Според член 49 од истиот закон треба да се одземе водното право на концесионерот во случај кога е загрозено здравјето на луѓето и природната рамнотежа на водните екосистеми и екосистемите зависни од вода“, велат од Еко-свест.

Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест нагласува дека штетата која е направена не може да се надомести.

„Живиот свет во и околу реката е загрозен, видливи беа мртви речни ракови кои едноставно останале заглавени во странични вирчиња оставени да пресушат. Штетата која е направена не може да се надомести, станува збор за страшно уништување на природата и комплетно игнорирање на секој постоечки закон и правило. Повеќе години водиме борба со институциите да запре ваквата уништувачка изградба на мали хидроелектрани особено во подрачја богати со ретки, загрозени и ендемски видови. И покрај ветувањата од институциите сепак се дозволува вистинска еколошка катастрофа“, посочи Чоловиќ Лешоска.

Што е уште пострашно, додаде, ова се случува во моменти кога земјата е соочена со продолжена суша и пожари кои ја опустошуваат територија на државата и се води борба да се стигне до капка вода повеќе.

„За нас ова е трагедија со долготрајни последици. Ништо што е живо не може да преживее без вода, вклучително и човекот. Бараме од Министерството за животна средина веднаш да започне постапка за раскинување на издадената концесија за хидроелектраните Маркова Река 143, 144 и 145 на концесионерот Индиго Хидро Македонија – Скопје по основ на грубо прекршување на сите законски одредби за заштита на животната средина и за добра градежна пракса. Исто така, бараме да се задолжи концесионерот да ја поправи состојбата на Маркова Река до степен до кој тоа е возможно. На долг рок, бараме од Владата да ги заштити своите граѓани и нивните извори на вода и ова да биде висок приоритет“, порачуваат од Еко-свест и нагласуваат дека е потребна итна реакција поради моменталната состојба со продолжениот топлотен бран и ризикот по човековото здравје и животната средина.

Групацијата за обновливи извори на енергија (ГОИЕ) при Стопанската комора, пак, информира дека трите хидроелектрани на Маркова Река воопшто не се дел од Групацијата и бара надлежните институции да го истражат случајот во целост.

„Групацијата за обновливи извори на енергија најстрого ја осудува секоја злоупотреба на животната средина и нарушувањето на биодиверзитетот во и околу реките и како Групација се залагаме за одржливо искористување на ресурсите, за реализација на проекти за заштита на животната средина и за свет без емисија на јаглероден диоксид и метан“, велат од Групацијата.

Малите хидроелектрани, додаваат, ги користат природните водни ресурси, произведуваат чиста енергија без аерозагадување и имаат минимално влијание на природната околина само при градбата.

„Ние како Групација при Комората ги почитуваме одговорните градежни практики и работиме целосно согласно Законот и домашните регулативи, но го следиме и строгото европско и светско законодавство за заштита на животната средина со цел да се обезбеди нивна одржливост. Како Групација, неприкосновено се залагаме за доследно почитување на законите и регулативите, како и за нивно унапредување, но и понатаму продолжуваме да бидеме партнер на државата. Оттука, бараме надлежните институции да го истражат случајот во целост, со цел јавноста да не се доведува во заблуда и да ги препознае напорите на ГОИЕ за унапредување на животната средина, како и за вложување во проекти за општествена одговорност, за доброто на државата и за иднината на нашите деца, за свет без емисија на јаглероден диоксид и на метан“, порачуваат од Групацијата.

Нагласуваат дека остануваат отворени за поддршка и секаков дијалог со институциите за имплементација и креирање на политиките во областа на енергетиката и заштита на речните корита, како и за соработка со невладиниот сектор за пресретнување на потенцијалните проблеми и заедничко поттикнување активности и проекти за заштита и унапредување на животната средина.

МИА

- Реклама -