Претседателот Стево Пендаровски на 5 и 6 октомври ќе престојува во дводневна официјална посета на Грција.
Како што најавија од претседателскиот кабинет, во вторник на 5 октомври, Пендаровски во претседателската палата во Атина, на официјална церемонија со државни и воени почести, ќе биде пречекан од грчката претседателка – Катерина Сакеларопулу, по што ќе се одржат тет-а-тет средба и пленарен состанок на делегациите на двете држави.
Претседателот Пендаровски ќе оствари средба и со премиерот на Грција – Киријакос Мицотакис, а ќе се сретне и со градоначалникот на Атина – Костас Бакојанис.
Во рамки на посетата, Пендаровски ќе положи венец пред Споменикот на незнајниот војник на платото пред Парламентот на Хеленската Република, ќе го посети музејот Бенаки, каде што е предвидено разгледување на архивата на Константинос Доксијадис, и ќе оствари средба со амбасадорот на САД во Грција – Џефри Пјат.
За време на посетата, претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска, која што во рамки на дамската програма ќе ја посети Националната галерија во Атина во придружба на Лина Мендони – министерка за култура и спорт на Хеленската Република.
Инаку, официјалната посета на претседателот Пендаровски на Хеленската Република претставува прва историска посета што ќе се реализира на највисоко ниво меѓу двете држави.