Претседателот и врховен командант на вооружените сили – Стево Пендаровски, вчера ја потпишал уредбата за ознаките на униформите на Армијата, со што од вчера АРМ и по правна основа е преименувана во АРСМ (Армија на Република Северна Македонија), соопшти тој денеска при посетата на припадниците на Армијата на јужната граница, заедно со началникот на Генералштабот – Васко Ѓурчиновски.
Со тоа, прецизира Пендаровски, е завршен и тој технички и правен аспект, што ќе овозможи веќе во следните набавки да се употребуваат новите ознаки на Армијата.
„Името на Армијата е Армија на Република Северна Македонија и тоа од вчера има правна основа, односно е на правен начин уредено од моја страна“, изјави Пендаровски.