Претседателот на Ел Салвадор говорот во ОН го започна со селфи за на Инстаграм

„Само секунда“, беа првите зборови на претседателот на Ел Салвадор – Најиб Букеле на обраќањето во Генералното собрание на Обединетите нации, по што, на изненадување на присутните претставници на нациите, тој го извади мобилниот и направи селфи.

 

View this post on Instagram

 

#UNSelfie

A post shared by Nayib Bukele (@nayibbukele) on

Но ваквиот потег Букеле не го направи со единствена причина селфито да се најде на Инстаграм, како што многумина би помислиле. Со тоа тој всушност испрати и порака Обединетите нации да се модернизираат:

„Верувајте ми, повеќе луѓе ќе го видат ова селфи отколку што ќе го слушнат овој говор“, објасни Букеле и ги повика ОН и светските лидери „да фатат чекор со времето“ и повеќе да се поврзат со младите во своите земји, посебно преку социјалните мрежи.

Букеле стана претседател во јуни, а претходно беше градоначалник на главниот град Сан Салвадор. Тој е чест корисник на друштвените мрежи, што впрочем се гледа и од потегот на говорницата на ОН, и токму на своето познавање и употребата на друштвените платформи и алатки, како Facebook Live, им ја препиша својата победа на претседателските избори. За разлика од него, неговите политички ривали овие платформи не ги сфаќаат целосно и сериозно, рече тој.

А „фаќањето чекор со времето“ на Обединетите нации би можело да има и реални позитивни импликации, истакна Букеле.

„Можеби, за неколку години, илјадници од нас веќе нема да мораат да патуваат во Њујорк за да се состанат во оваа зграда. Серија видеоконференции би чинеле неколку стотици милиони долари помалку, а сигурен сум дека би го постигнале истиот учинок, ако не и поголем“, рече тој.

- Реклама -