Претседателот на македонските историчари во комисијата: Ставовите на Заев нема да ни ги врзат рацете

„Ставовите на премиерот Зоран Заев нема да ни ги врзат рацете и нема да нѐ стават во подредена положба“, вели претседателот на македонскиот дел од заедничката комисија за историски прашања со Бугарија – Драги Ѓоргиев, во изјава за ТВ „Алфа“, за неодамнешното спорно интервју на Заев за бугарската БГНЕС.

Ѓоргиев инсистира дека македонските историчари во комисијата ќе се водат од историските факти, притоа посочувајќи дека и многупати досега имало изјави на политичари, и од Македонија и од Бугарија, за историски теми.

Како што потсетува „Алфа“, претходно и бугарскиот колега на Ѓоргиев – Ангел Димитров, ги коментираше изјавите на Заев, потцртувајќи дека за да се сфати сериозно, кажаното треба да се стави во меѓународен правен документ во кој јасно би било кажано дека се прифаќаат нови позиции во согласност со Договорот за добрососедство од 2017 година.

Во однос на следниот состанок на комисијата, кој ќе се одвиваат онлајн на 3 и 4 декември, Ѓоргиев вели дека ќе се зборува за темите на кои се разговарало и на последната средба, меѓу кои и прашањето за Гоце Делчев.

- Реклама -