Претресот во куќата на Миленко во скопско Ржаничино завршил некаде околу 20 часот, пренесува „Телма“ повикувајќи се на полициски извори, при што од куќата биле одземени компјутер и телефон на Неделковски кои се од интерес за постапката на обвинителството и ќе бидат дадени на вештачење и анализа.
Полицијата се сомнева дека Миленко преку социјалните мрежи предизвикувал и повикувал на загрозување на безбедноста на пратениците кои гласаа за отпочнување на уставните измени, а по денешна пријава од одделот за компјутерски криминал и форензика на МВР, обвинителството отворило постапка за да се утврди дали новинарот стои зад истите. Во тек се проверки, а лицето било повикано на разговор, соопштиле од обвинителството за Телма.
Во меѓувреме, Миленко е ослободен, а по излегувањето полициската станица во Автокоманда дал и кратка изјава за порталот „Инфомакс“. Во изјавата, Миленко ги демантира шпекулациите дека бил приведен поради статусот поврзан со пожарите во Грција, и тврди дека се работи за закани кон Зоран Заев.