Премногу ребра за во реклама

Премногу слаб модел на Gucci ги разбранува духовите во Велика Британија.

Една од жените кои учествуваат во рекламното видео на италијанскиот моден гигант е снимена како танцува пред ѕид со цветни мотиви, облечена со фустан со геометриски фигури.

618x575

Британското регулаторно тело, одговорно за рекламните стандарди (Advertising Standards Authority) пресуди дека рекламното видео на модната марка е “несоодветно”, бидејќи моделот изгледа “нездраво слаб”.

Декретот повторно ја покрена темата за премногу слаби модели кои отсекогаш биле репер за модната индустрија, па тоа е така дури и сега како за инает на сите притисоци кои што се појавија во последниве неколку години.

Од регулаторното тело тврдат дека начинот на кој е снимена жената, издолжувањето на нејзиното тело и нагласувањето  на половината, прави таа да изгледа премногу ситна. Според нивното мислење тажниот израз и темната шминка, особено околу очите, дополнително прават да изгледа послабо.

Тие додаваат дека “навредливиот” изглед на моделот, кој се појавува во видеото поставено на вебсајтот на The Times of London во декември, не смее да се прикажува повторно на овој начин.

Спорниот кадар од видеото веќе е отстранет на официјалниот канал на Gucci на YouTube , но моделот продолжува да се појавува во рекламата во режија на Глен Лечфорд, иако овој пат под друг агол.

Всушност сите модели кои танцуваат на нотите на песната на Joy Division – She Lost Control се доста слаби.

Италијанската модна марка како одговор ја бранеше рекламата, велејќи дека кадарот бил само дел од видеото кое покажува забава со танцување и дека таргетот е постара и пософистицирана публика, а не млади луѓе.

Никаде во рекламата не се гледаат коски или зглобови, соопштуваат од Gucci и нагласуваат дека сите модели се слаби.

Oд Gucci сметаат дека “во извесна смисла проценката дали некој модел изгледа нездраво слаб е субјективна”.

Одлуката на регулаторот доаѓа по долгата дебата која што се случува од двете стани на Атлантикот за премногу слабите модели кои предизвикуваат нездрави претстави за женското тело што може да доведе до болести и психички растројства.

Според многу критичари токму модните куќи се виновни за опасното однесување меѓу младите, кои, идеализирајќи ги слабите модели можат да развијат ментални болести и нарушувања во исхраната.

Минатата година Франција гласаше за мерки кои им забрануваат на модните агенции да вработат премногу слаби модели . Според законот моделите имаат потреба од медицински сертификат за да се процени дали тие се во состојба да работат, а работодавците ќе бидат затворани или казнети  со 75 000 или 85 00 евра доколку ги прекршат правилата.

Мерките имаат за цел главно да ги заштитат младите модели и манекени од притисокот.

Многу модни куќи го критикуваа законот во Франција велејќи дека е погрешно да се поврзува тенката половина на моделите со анорексијата, без да се земе предвид целиот спектар на симптоми кои што ја придружуваат болеста.

“Многу е сериозно, кога се меша анорексијата со слабите модели”, изјави тогаш пред APF Изабел Сент-Феликс, претседател на Националната асоцијација на модните агенции.

Во меѓувреме The New York Times потсетува дека минатата година, британското регулаторно тело се произнесе и против реклама на Yves Saint Laurent, за која повторно се тврдеше дека моделот изгледал нездраво тенок.

- Реклама -