„Македонците кои живеат во пријателска Албанија претставуваат неизоставна нишка во поврзувањето на двата народа и Владата на Северна Македонија на соодветен начин ќе помогне во повеќе сегменти од секојдневниот живот на месното население вклучувајќи ја и поддршката во образовниот процес на македонски јазик“, објави денеска премиерот Зоран Заев на социјалните мрежи, по неговата посета на Македонците во Пустец.
Премиерот истакна дека му претставува посебна чест што во рамки на посетата на Пустец била вклучена и посетата на заедничкото основно и средно училиште „Митре Колефски и Трајан Ѓоргијовски“, кое, посочи, е реновирано со поддршка на Владата на Република Северна Македонија како резултат на заклучоците на заедничката седница со Владата на Албанија што се одржа во Поградец во 2018 година.
„Денеска со нас донесовме одреден број книги од кодификаторот на современиот македонски јазик Блаже Конески, како и одреден број учебници кои можат да претставуваат дополнување на наставата во заедничкото основно и средно училиште во Пустец.
Со поддршка на Владата и на нашето Министерство за образование и наука ќе ја поттикнеме и поддржиме непосредната соработка на македонските друштва во Албанија и на образовниот кадар по македонски јазик во училиштата од Мала Преспа со Институтот за македонски јазик ‘Крсте Петков Мисирков’, со Советот за македонски јазик, со Меѓународниот семинар за македонски јазик и со Филолошкиот факултет при Универзитетот во Битола, за организирање семинари и обуки на наставниците кои држи настава по предмети на македонски јазик“, истакна исто така премиерот Заев.
Освен тоа, приликата тој ја искористи и за да најави дека во текот на 2021 година ќе започне постапката за отворање на почесен Конзулат во Корча, кој, како што рече, ќе биде од особена важност и нова алка од повеќекратно значење за Македонците кои живеат во овој дел од Република Албанија.