Скопје, 8 март 2023 – Телекомуникацискиот оператор МТЕЛ со план во следните две години да инвестира 50 милиони евра и да го прошири својот тим со 200 нови вработувања. Планот за идните инвестиции на МТЕЛ, членка на Телеком Србија групацијата, го соопштија генералниот директор на Телеком Србија, Владимир Лучиќ, генералниот директор на МТЕЛ, Марко Лопичиќ и претседателот на Надзорниот одбор на МТЕЛ, Горан Трајановски при вчерашната посета на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски на МТЕЛ.
Претседателот на Владата, Ковачевски упати честитки до МТЕЛ за досегашното успешно работење, постигнатите резултати и позитивниот развој на пазарот.
„Постигнатите резултати се должат на технолошките успеси што ги има оваа телекомуникациска компанија, но и довербата која во нив ја имаат корисниците. Драго ми е што оваа компанија ги препознава позитивните политики на Владата за инвестирање. Владата што ја предводам создава подрачје за безбедно инвестирање, па затоа МТЕЛ ќе продолжи да се шири и да инвестира во Северна Македонија“, истакна претседателот на Владата, Ковачевски при посетата на МТЕЛ.
На состанокот со претседателот на Владата Ковачевски и неговиот тим, директорот Лучиќ истакна дека како лидер во телекомуникацискиот сектор во регионот, Телеком Србија има амбициозни планови за раст на македонскиот пазар и во таа насока планира да реализира сериозен инвестициски циклус во следните две години.
„Му благодариме на премиерот Ковачевски за честа да нè посети и да ни дозволи да ги споделиме нашите планови за идниот развој на компанијата во Северна Македонија, за чиј пазар имаме навистина големи амбиции. Од влезот на пазарот во Северна Македонија во 2021 година досега инвестиравме 4 милиони евра и во нашата компанија ангажиравме 80 лица. Задоволни сме со работата на нашата компанија која во моментов веќе има повеќе од 16 илјади задоволни корисници. Во следните две години планиравме да инвестираме дополнителни 50 милиони евра, а нашиот тим да го зголемиме за уште најмалку 200 млади стручни лица“, изјави генералниот директор на Телеком Србија, Лучиќ.
Очекувањата на МТЕЛ се значително зголемување на бројот на корисници во наредниот период и постепено искачување кон позицијата број 1 оператор на македонскиот телекомуникациски пазар.
„Бројот од над 16 илјади корисници за само неколку месеци од како се промовиравме како мобилен оператор , како и мрежата од над 600 продажни локации ни говорат дека оваа наша амбиција е реална и остварлива. Кон нашите корисници испорачуваме одлична понуда во делот на мобилната телефонија, интернет и комбинирани пакет, иновативни услуги и ексклузивни дигитални содржини и уверени сме дека бројот на корисници значително ќе порасне во текот на оваа година“, вели генералниот директор на МТЕЛ, Марко Лопичиќ.
Претседателот на Надзорниот одбор на МТЕЛ, Горан Трајановски истакна дека компанијата која што во државава влезе како гринфилд инвестиција досега е особено задоволна од деловниот амбиент и соработката со регулаторите.
„Горди сме на сето она што го постигнавме во изминатиот период. Задоволни сме од деловниот амбиент, од односот и соработката со институции надлежни за регулација на телекомуникацискиот сектор. Стартувајќи како гринфилд инвестиција пред само година и половина за брзо изградивме компанија, телекомуникациски оператор кој што веднаш беше препознаен од корисниците како квалитетен, поинаков“, нагласи претседателот на Надзорниот одбор на МТЕЛ, Трајановски.
Претседателот на Владата се запозна и со услугите кои што ги нуди во делот на мобилната телефонија, интернет и сателитска телевизија, како и севкупните работни процеси.
* Комерцијален текст