Премиерот и врвот на владата му беа домаќини на Илир Мета

Христијан Мицкоски, Александар Николовски и Владо Мисајловски, денеска во Охрид се сретнаа со Илир Мета

„Одлична средба со Илир Мета, поранешен премиер и претседател на Албанија, голем пријател на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и наш личен пријател. Со нас беше во најтешките времиња на опозиција. Одличните односи меѓу соседите се градат со пријатели“, напиша вицепремиерот и министер за транспорт Николовски на неговиот Фејсбук профил

За средбата и Мета се пофали на Фејсбук.

„Меѓу прекрасните пријатели денес во Охрид! Среќен сум непосредно да им ја честитам победата на премиерот и лидер на ВМРО, Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски и министерот за одбрана, Владо Мисајловски“,

напиша Мета на Фејсбук.

Мета, Мицкоски, Николовски и Мисајловски во Охрид

Мета вели дека никогаш не се сомневал во победата на овој, како што го нарекува, прекрасен тим, со карактер и многу визија. 

„Ги преживеаја најсуровите прогони, но никогаш не се откажаа и победија! Разговаравме и за важноста на изградбата на Коридорот 8 и со задоволство ги слушам новитетите од нивната економска програма. Убеден сум дека ВМРО под водство на Христијан Мицкоски ќе биде најдобар пример како една партија му служи на својот народ и како ги цени, почитува и засилува граѓаните”,

пишува Илир Мета.

Тој беше премиер на Албанија во периодот 1999-2002 година и претседател на Албанија од 2017 до 2022 година кога се соочи со иницијатива за негов импичмент поради прекршување на Уставот. Тој е лидер на Партијата на слободата која има 4 пратеници во албанскиот парламент кој брои 140 места.

Мета има добри релации и со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Средба меѓу Илир Мета и Виктор Орбан во 2021 година

Премиерот Мицкоски и ова раководтсво на ВМРО-ДПМНЕ исто така има одлични релации со Виктор Орбан.

- Реклама -